Најмалку 11.500 Палестинци се убиени во израелските напади на Појасот Газа / Photo: AA

Израел даде првична согласност за распоредувањето меѓународни сили во Појасот Газа по завршувањето на актуелниот конфликт, објави денес израелската државна телевизија КАН, пренесува Анадолу.

„Претставникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Брет Мекгурк, е информиран за одлуката на Израел“, објави телевизијата КАН.

По пристигнувањето вчера во Израел како дел од регионалната турнеја, Мекгурк разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

КАН, повикувајќи се на два израелски извора, објави дека разговорите меѓу американскиот претставник и израелските претставници биле фокусирани на распоредувањето меѓународни сили во Газа по завршувањето на војната.

Израелските пратеници му рекоа на американскиот претставник дека палестинските власти со седиште во Рамала не ќе може да владеат со Газа по војната, објави телевизијата.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Оттогаш најмалку 11.500 Палестинци се убиени, вклучително околу 7.900 жени и деца, а повеќе од 29.800 се повредени во немилосрдните израелски воздушни и копнени напади на Појасот Газа.

Илјадници згради, вклучително болници, џамии и цркви, беа оштетени или уништени во израелската офанзива.

Израелските власти го ревидираа бројот на загинати Израелци од 7 октомври на околу 1.200.​

AA
Популарни