Израел побара од Либан да ги задржи своите војници на пет позиции во јужен Либан до 28 февруари, изјавија денеска либански функционер и странски дипломат.
Според договорот за прекин на огнот, договорен меѓу Либан и Израел во ноември, израелските трупи имаа рок до 26 јануари да се повлечат од јужен Либан, објави Ројтерс.
Договорот веќе е продолжен до 18-ти февруари, но изворите велат дека Израел побарал дополнително продолжување преку комитетот што го надгледува прекинот на огнот.
Според документот за прекин на огнот, и Израел и Либан го задржуваат правото да дејствуваат во „самоодбрана“, но тој не дефинира што се квалификува како самоодбрана.
Кревкото примирје е во сила од 27 ноември, завршувајќи го периодот на меѓусебно гранатирање меѓу Израел и групата Хезболах што започна на 8 октомври 2023 година, а ескалира во целосен конфликт на 23 септември минатата година.
Откако стапи на сила примирјето, Израел изврши над 670 прекршувања, убивајќи и ранувајќи десетици луѓе во Либан, вклучувајќи жени и деца.