Бугарската телевизија бТВ денеска објави дека 1,6 милиони евра поврзани со смртоносниот напад со пејџери во Либан во вторникот и средата поминале низ Бугарија и биле префрлени во Унгарија.
Оваа информација, како што се наведува, бТВ ја добила од извор во Државната агенција за национална безбедност.
Бугарските власти денеска соопштија дека Министерството за внатрешни работи и Службата за државна безбедност отвориле истрага за можните врски на неименувана компанија со нападот.
Локалните медиуми јавуваат дека Норта Глобал Лтд (Norta Global Ltd) од Софија ја олеснила продажбата на пејџери на Хезболах, пренесува Reuters.
Претходно „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на официјални лица кои сакале да останат анонимни, објави дека Израел го нападнал Хезболах вградувајќи експлозивен материјал во пејџери кои во Либан се увезени од Тајван.
Либанската група наводно ги нарачала пејџерите од тајванската компанија „Голд Аполо“, но тие биле неовластено манипулирани пред да пристигнат во Либан.
„Аполо Голд“ негираше дека ги произвела пејџерите, наведувајќи дека унгарската компанија БАЦ, која ја поседува лиценцата за користење на нејзиниот бренд е производител.
Унгарската влада вчера ги негираше наводите на тајванската компанија дека моделот на пејџер користен во масовните експлозии во Либан, е произведен во Будимпешта.