Мицотакис ако биде реизбран ќе бара средба со Ердоган на Самитот на НАТО / Photo: Reuters

Поранешниот грчки премиер Киријакос Мицотакис, фаворит на изборите на 25 јуни, изјави дека ќе бара да се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Самитот на НАТО следниот месец во Вилнус, Литванија, доколку биде прогласен за победник.

„Доколку јас бидам премиер, ќе барам на Самитот на НАТО да го преформулираме патоказот што ние (Туркије и Грција) ќе го следиме во наредните месеци“, рече тој во интервју за јавниот сервис ЕРТ.

Мицотакис истакна дека Грција признава само едно отворено прашање со Туркије што може да биде поднесено до Меѓународниот суд на правдата во Хаг за решавање, а тоа е за демаркацијата на поморските зони.

Што се однесува до тековните амбициозни програми за повторно вооружување на земјата, тој рече дека „Грција е обврзана да ги зајакне своите вооружени сили бидејќи до себе го има најголемиот и геополитички непредвидлив сосед“.

„Успеавме да го промениме балансот во однос на моќта на вооружените сили“, додаде тој.

Грција во текот на последниве години потпиша повеќе големи договори за оружје, вклучително и за беспилотни летала од Израел и авиони Рафал од Франција, како и за надградба на нејзината флота Ф-16 од САД.

Атина, исто така, му пристапи на Вашингтон за потенцијално купување на најмалку 20 стелт авиони Ф-35 и на Берлин за дополнување на нејзината тенковска флота со Леопард 2 и купување оклопни возила Линкс.

TRT Balkan / агенции
Популарни