Израелската разузнавачка служба Мосад за првпат отворено призна дека била изненадена од нападот што го изврши палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
„Израелската разузнавачка служба Мосад за прв пат призна дека била изненадена од случувањата на 7 октомври 2023 година“, напиша израелскиот експерт за безбедност Јоси Мелман денес во израелскиот весник „Харец“.
Според Мелман, Мосад подготвил документ за новото издание на Билтенот на Израелското разузнавачко наследство и центар за комеморација во кој детално се опишани активностите на Мосад за време на војната во Појасот Газа.
„Институтот за разузнавање и специјални операции (Мосад, или во неговото официјално англиско име – израелска тајна разузнавачка служба) исто така беше изненаден утрото на празникот Симчат Тора (7 октомври) од сирените со кодот за црвена тревога што го пробија небото“, се наведува во документот, пишува Хаарец.
„Иако признавањето може да изгледа едноставно, неговото појавување во официјална публикација на службата има значителна тежина“, нагласи Мелман.
Тој рече дека е јасно дека „секој збор во документот на Мосад е одобрен од директорот на Мосад, Дејвид Барнеа“.
Израел започна напад на Појасот Газа како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 34.900 Палестинци, од кои поголем дел жени и деца, а над 78.500 се повредени, според палестинските здравствени власти.
Во текот на седум месеци од израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, 85 отсто од населението на енклавата е принудено внатрешно да се расели, и наметната е целосна блокада на храна, чиста вода и лекови, според податоците на Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Во привремената пресуда во јануари се наведува дека е „веројатно“ дека Израел врши геноцид во Газа и му се наредува на Тел Авив да ги запре таквите дејства и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.