Во тек е активна работа на формирање центар за гас во Туркије               Фото: Ројтерс

Рускиот министер за енергетика, Александар Новак, изјави дека во тек е активна работа за формирање центар за гас во Туркије.

„Во моментов во тек е активна работа со земјите кои ќе учествуваат во реализацијата на овој проект, како и со потрошувачите на кои им е потребен руски гас“, изјави Новак во интервју за руската државна агенција ТАСС.

„Европскиот пазар на гас останува „релевантен“ за Русија и има средства за испорака на дополнителни количества таму, вклучително и преку гасоводот „Џамал-Европа“, затворен од политички причини“, додаде рускиот министер.

„Турски тек“ моментално работи со полн капацитет. Украинската рута во Европа испорачува една третина од обемот предвиден во договорите, и покрај сите противречности, а испораките на рускиот течен природен гас за Европа оваа година се зголемени на 19,4 милијарди кубни метри.

На прашањето за реставрацијата на гасоводите „Северен тек“ кои беа оштетени во експлозиите во Балтичкото Море, Новак рече дека за тоа е потребно време и пари, а целосна проценка за таквата можност може да се даде само откако ќе заврши истрагата.

Новак ги спомена Кина, Туркије, Казахстан и Узбекистан како потенцијални потрошувачи на рускиот гас, додавајќи дека постои и „подлабока перспектива“ за снабдување со гас за Пакистан и Авганистан или преку централноазиската инфраструктура или од територијата на Иран врз основа на размена.

Тој рече и дека постои договор за привремено зголемување на испораките за Азербејџан.

Министерот за енергетика рече дека Русија гради нова логистика за транспорт на својата нафта и гас, но додека тоа не се реши, европското ембарго може да доведе до пад од 7 до 8 отсто на производството на нафта во 2023 година.

Новак смета дека во европското ембарго можеби постојат исклучоци за испораки на нафта и нафтени деривати, истакнувајќи дека дури и Германија и Полска побарале испорака на нафта во 2023 година, без да го прецизираат потеклото на горивото, иако претходно германските власти рекоа дека тие мислеле на казахстанската нафта.

Руски официјален претставник рече дека неговата земја извршила подготвителна работа за да се спротивстави на санкциите.

Тој, исто така, го пофали потегот за плаќање во руски рубли, велејќи дека оваа практика го стабилизира пазарот.

За перспективите на рускиот енергетски сектор, Новак рече: „Русија е најголемиот енергетски играч [со 20 отсто од светскиот извоз на гас и над 20 отсто од нафтата] и е трета во светот во однос на резервите на јаглен... Очигледно е дека потрошувачката на енергија само ќе расте во иднина, па не можам да замислам како ќе се снајде светската економија без нашите енергетски ресурси. Нема кој да нѐ замени... Во таа смисла ние сме оптимисти и поставуваме само амбициозни цели“, рече тој.

AA
Популарни