Дводневното сослушување пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) заврши денес со барањето на судот Израел да обезбеди информации за постојните хуманитарни услови во одредени зони за евакуација во Појасот Газа.
Вториот ден од сослушувањето се одржа во Хаг, а одбраната на Израел одговори на итното барање на Јужноафриканската Република за дополнителни привремени мерки против Израел.
Израелскиот претставник Гилад Ноам рече дека известувањето за сослушувањето било големо изненадување, додавајќи дека иако Израел побарал сослушувањето да се одложи за следната недела, тоа било одбиено.
Тврдејќи дека Израел внимателно работел за да обезбеди заштита на цивилите, Ноам рече дека е право и обврска на Израел да ги брани своите граѓани.
Тамар Каплан Тургеман, главна заменичка на правниот советник во Министерството за надворешни работи на Израел, тврди дека Израел не ги затворил двата главни премини во јужниот дел на Газа, граничните премини Рафа и Керем Шалом.
„Ова е очигледна невистина“, рече Тургеман, тврдејќи дека Израел дозволува и олеснува пружање на поголема хуманитарна помош.
Таа побара од судот да го одбие барањето на Јужноафриканската Република за привремени мерки.
Додека таа зборуваше, некој во судницата извика „лажливка“, поради што рочиштето накратко беше прекинато.
Пред затворањето на сослушувањето, МСП ја праша израелската делегација за хуманитарната ситуација во зоните за евакуација во опколената енклава.
„Може ли Израел да обезбеди информации за постојните хуманитарни услови во одредени зони за евакуација, особено во Ал-Маваса, и да обезбеди безбеден премин во тие зони, како и обезбедување засолниште, храна, вода и друга хуманитарна помош за сите евакуирани кои се и кои може да се очекува да стигнат до овие зони?“, прочита судијата Георг Нолте.
Јужноафриканската Република вчера побара наредба за прекин на израелската офанзива врз Газа од МСП како дел од дополнителните привремени мерки против Израел.
Јужноафриканската делегација укажа на намерното прекршување на обврзувачките судски наредби од страна на Израел. Делегацијата рече дека биле принудени да се вратат на суд поради „континуираното уништување на палестинскиот народ“.
Јужноафриканската Република минатиот петок поднесе итно барање до МСП за дополнителни мерки поради израелските напади врз Газа, особено во градот Рафах, каде што се засолниле повеќе од 1,4 милиони Палестинци.
„Ситуацијата создадена со израелскиот напад врз Рафах и екстремниот ризик што тој го претставува за хуманитарните резерви и основните услуги во Газа, за опстанокот на палестинскиот медицински систем и за самиот опстанок на Палестинците во Газа, не е само ескалација на ситуацијата, но води до нови факти кои предизвикуваат непоправлива штета на правата на палестинскиот народ во Газа“, се наведува во барањето на Јужноафриканската Република.
Кон крајот на 2023 година, Јужноафриканската Република поднесе тужба до Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски од Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
Судот на Обединетите нации (ОН) во јануари донесе привремена одлука дека тврдењата на Јужноафриканската Република се убедливи. Тој нареди привремени мерки за израелската Влада да се откаже од геноцидните акти и да преземе мерки за обезбедување хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Меѓутоа, Израел не испочитува ниту една од овие одлуки.