Јавната расправа во Меѓународниот суд на правдата (МСП) за практиката на Израел во Палестина започна денеска во Хаг.
Расправата е по барањето на Генералното собрание на ОН за советодавно мислење за правните последици кои произлегуваат од политиката и практиките на Израел на окупираната палестинска територија, вклучително и Источен Ерусалима(Ал Кудс).
Резолуцијата на Генералното собрание побара од МСП да ги утврди правните последици „кои произлегуваат од континуираното кршење на правото на палестинскиот народ на самоопределување од страна на Израел“ и „од усвојувањето на сродните дискриминаторски закони и мерки“.
Вкупно 52 земји, меѓу кои и Туркије, како и Арапската лига, Организацијата за исламска соработка и Африканската унија, ќе одржат 30-минутни усни презентации на 19 и 26 февруари.
Советодавното мислење на МСП не е поврзано со случајот кој Јужноафриканската Република го покрена против Израел за прекршување на Конвенцијата за геноцид.
Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напад и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот, по барањето од ЈАР .
Најмалку 28.985 Палестинци се убиени од почетокот на израелската воена офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври,меѓу кои и голем број деца.
Според ОН, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.