Во понеделникот започна сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП) за барањето на Никарагва во врска со наводите дека Германија му помага на Израел да изврши геноцид во Газа.
Никарагва претходно поднесе тужба против Германија до Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи ја дека го дозволила геноцидот во Газа.
„Никарагва тврди дека со обезбедување политичка, финансиска и воена поддршка на Израел и со прекинување на финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), Германија го помага извршувањето на геноцидот и не успеа во обврската да стори сѐ што е во нејзина моќ за да се спречи извршувањето на геноцид“, објави МСП во претходното соопштение.
Никарагва побара од Судот да донесе привремени мерки „во врска со германското учество во тековниот наводен геноцид и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право и другите норми на меѓународното право во Појасот Газа“.
Израел уби повеќе од 33.000 луѓе во нападите врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Кон крајот на 2023 година, Јужноафриканската република поднесе жалба до МСП, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски од Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
МСП во јануари донесе привремена одлука дека тврдењата на Јужноафриканската Република се убедливи. Тој нареди привремени мерки за израелската влада да се откаже од геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.