Речиси 2.500 луѓе се уапсени на пропалестинските собири на колеџите и универзитетските кампуси низ Соединетите Американски Држави.
Во извештајот објавен вчера од Си-ен-ен, бројот на уапсени од 18 април надминал 2.200, додека бројките објавени во сличен извештај на Фокс њуз покажуваат дека вкупниот број апсења е повеќе од 2.400.
Се очекува демонстрациите да продолжат во текот на наредните недели, и покрај одржувањето на дипломските церемонии, а претставниците на кампусите додаваат дополнително полициско обезбедување или во некои случаи, целосно ги откажуваат церемониите.
Во сојузната држава Калифорнија, полицијата во Лос Анџелес вчера го расчисти протестниот камп на Универзитетот Јужна Калифорнија (УСЦ), но нема уапсени. Покрај тоа, универзитетот ја откажа својата дипломска церемонија поради загриженоста за безбедноста.
Пропалестинските поддржувачи се судрија со контрадемонстрантите вчера на Универзитетот ДеПол во Чикаго, во државата Илиноис. Полицијата не уапси никого, но имаше јавувања за неколку повредени лица.
Во сојузната држава Вирџинија, уапсени се 25 демонстранти на пропалестинскиот собир во саботата на Универзитетот Вирџинија во Шарлотсвил. Полицијата го расчисти шаторскиот камп поставен од студентите откако прогласи незаконско собирање во близина на центарот на кампусот.
Исто така во саботата, во сојузната држава Мичиген, полицијата отстрани група пропалестински демонстранти на церемонијата за дипломци на Универзитетот Мичиген во Ен Арбор, што накратко ја прекина церемонијата, но немаше уапсени.
На 30 април беше забележан најголем број апсења во еден ден, над 400, извршени во кампусите на колеџите. Поголемиот дел од тие апсења (282) се случија на Универзитетот Колумбија во државата Њујорк, кој се смета за прв универзитет од највисок профил кој ги започна пропалестинските собири.
Вторите најголеми апсења се случија на 2 мај, кога над 250 демонстранти беа уапсени низ целата земја. Повеќето од тие апсења (210) беа извршени на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес (УЦЛА), каде протестите станаа насилни и повеќе луѓе беа повредени, принудувајќи го универзитетот да ја откаже наставата на една недела.
Универзитетот соопшти дека ќе ги продолжи часовите во понеделник и формира нова канцеларија за безбедност на кампусот со цел да спречи појава на идни насилни ситуации.