Над 20.000 руски војници загинаа во војната со Украина од декември досега, објави Белата куќа.
„Според разузнавачките податоци и информации што ги собравме, проценуваме дека Русите од декември досега претрпеа загуби од 100.000 лица“, рече на конференцијата за новинари Џон Кирби, координатор за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Кирби рече дека од таа бројка околу 80.000 се ранети, а 20.000 загинале.
Тој рече дека околу половина од загинатите руски војници се платеници на групата Вагнер, поранешни криминалци регрутирани од затвори низ Русија.
Истакнувајќи дека обидот на Русија да се нападне регионот на Донбас во голема мера пропаднал, Кирби рече дека информациите за загубите на Русија ги собрале американските разузнавачки служби, не наведувајќи податоци за загубите од украинската страна.