Најмалку 540 израелски војници се повредени од „пријателски оган“ откако Израел ги прошири своите копнени операции во Појасот Газа на 27 октомври, објавија израелските медиуми.
Израелскиот Канал 12, повикувајќи се на воени податоци, објави дека 1.300 војници се ранети од почетокот на копнената офанзива во Газа, од кои 540 во оперативни несреќи. Бројките од воени извори укажуваат дека 562 војници се убиени, а 2.820 се повредени од почетокот на нападите во Газа на 7 октомври.
Израел започна смртосни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.365 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 66.630 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили.
Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.