За муслиманите, Ал Акса е трето најважно светилиште / Photo: AA

Најмалку 35.000 муслимански верници во окупираниот Источен Ерусалим/Ал-Кудс синоќа ја извршија терави молитвата во џамијата Ал Акса и покрај израелските препреки и ограничувања, пренесува Анадолу.

Како што наведува палестинската новинска агенција ВАФА, повикувајќи се на Канцеларијата за исламски вакаф во Ерусалим/Ал Кудс, голем број муслимани поитале на молитва во Ал Акса на првиот ден од Рамазан. Таа потсетува и дека израелските сили веќе пет месеци ги спречуваат муслиманите да влезат во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим/Ал Кудс. Се наведува и дека израелските сили не им дозволиле на помладите да се приближат до џамијата на првиот ден од Рамазан.

Израелската војска тешко претепа и приведе палестински младинец што сакаше да влезе во Ал Акса.

Како што наведува агенцијата ВАФА, и покрај ограничувањата што ги воведе Израел за да ги спречи муслиманите да влезат во местото за богослужба, најмалку 35.000 верници ја извршија тарави молитвата, заедничката ноќна молитва во месецот на постот, во Ал Акса.

Израелската полиција постави бодликава жица на ѕидовите околу една од портите што водат кон комплексот Ал Акса. Бодликавата жица е поставена на ѕидовите околу капијата Есбат првпат од 1967 година.

Канцеларијата на гувернерот на Ерусалим/Ал-Кудс објави дека 275 еврејски доселеници упаднале во џамијата Ал Акса под силна заштита на израелските сили на првиот ден од месецот Рамазан.

Имамот и хатиб на џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс/Ерусалим, Екрима Сабри, рече дека на муслиманите треба да им се дозволи да намира да извршуваат молитва за време на Рамазан.

За муслиманите, Ал Акса е трето најважно светилиште, а Евреите тврдат дека порано на тоа место имало два еврејски храма.

Комплексот Ал Акса, кој зафаќа 15 отсто од површината на старото јадро на Ал-Кудс/Ерусалим, е под израелска окупација и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.

Израел го окупираше Источен Ал-Кудс/Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, чекор што меѓународната заедница никогаш не го призна.

AA
Популарни