Најмалку 50 Палестинци загинаа во воздушните напади што ги спроведе израелската војска во текот на ноќта низ Појасот Газа.
Според палестинската новинска агенција „Вафа“, 40 Палестинци загинале, а десетици се повредени во серијата израелски воздушни напади врз градот Хан Јунис.
Се додава дека уште еден израелски воздушен напад е извршен врз дом во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, при што загинале најмалку 10 Палестинци.
Агенцијата „Вафа“ цитираше извори кои велат дека поради израелските бомбардирања на областите во северниот дел на Појасот Газа, 108 убиени цивили и десетици повредени лица биле пренесени во болницата Камал Адван.
„Под опсада на израелската Армија и без струја, болницата засолни повеќе од 7.000 раселени лица“, додаде „Вафа“.
Исто така, новинската агенција предупреди на можен масакр од страна на израелската Армија во болницата Камал Адван, сличен на оној што се случи во болницата Ал-Шифа и во Индонезиската болница.
Израел ја продолжи својата воена офанзива врз Појасот Газа во петокот по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со палестинската група Хамас.
Најмалку 15.899 Палестинци загинаа, а над 42.000 се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас.
Според официјалните податоци, бројката на загинати во нападот на Хамас во Израел изнесува 1.200.