Овогодинешниот јули веројатно ќе биде најтоплиот месец во последните „стотини, ако не и илјадници години“, изјави главниот климатолог на НАСА, Гевин Шмит.
Во јули, дневните рекорди веќе беа соборени според алатките на Европската унија и Универзитетот во Мејн кои комбинираат податоци од земја и сателити во модели за да генерираат прелиминарни проценки.
Иако тие се разликуваат малку, трендот на екстремни горештини е непогрешлив и најверојатно ќе се одрази во подетални месечни извештаи подоцна објавени од американските агенции, рече Шмит на прес-брифингот на НАСА:
„Гледаме невидени промени во целиот свет - топлотните бранови во САД, Европа и Кина неконтролирано рушат рекорди. И тоа не може да се припише само на временскиот шаблон на Ел Нињо што навистина само што се појавува“, рече тој.
Според Шмит, иако Ел Нињо игра мала улога, она што го гледаме е целокупната топлина, речиси насекаде, особено во океаните; со месеци бележиме рекордни температури на површината на морето, дури и надвор од тропските предели.
„Предвидуваме дека така ќе продолжи, а причината е што продолжуваме да испуштаме стакленички гасови во атмосферата“, смета Шмит.
Кон крајот на годината врв ќе достигне еден феномен
Сегашните временски обрасци ги зголемуваат шансите дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега, а Шмит мисли дека шансите се 50-50 врз основа на неговите пресметки, иако тој рече дека другите научници мислат дека шансите се до 80%.
„Предвидуваме дека 2024 година ќе биде уште потопла година бидејќи ја започнуваме со Ел Нињо кој сега се развива, кој ќе го достигне својот врв подоцна оваа година.“
Неговите предупредувања дојдоа кога светот се соочи со шумски пожари и екстремно сериозни здравствени предупредувања минатата недела, при што беа соборени температурните рекорди.