Најдобар начин да се обезбеди сигурна испорака на жито од Украина е да се стави крај на војната“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг / Photo: AA

НАТО денеска го осуди повлекувањето на Русија од Договорот за извоз на жито преку Црно Море и ги поздрави напорите на Туркије за повторно воспоставување на Договорот.

„Најдобар начин да се обезбеди сигурна испорака на жито од Украина е да се стави крај на војната“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред Комитетот за надворешни работи на Парламентот на Европската Унија.

На 17 јули Русија го суспендира учеството во Договорот за извоз на жито преку Црно Море, постигнат со посредство на Туркије и ОН за продолжување со извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море кој беше запрен со почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.

Москва се пожали дека Западот не ги исполнил своите обврски во врска со рускиот извоз на жито, дека има ограничувања во плаќањето, логистиката и осигурувањето на испораката на жито и вештачки ѓубрива, како и дека не се доставува доволно украинско жито во земјите на кои им е потребно.

По состанокот во понеделникот со рускиот претседател Владимир Путин, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оптимистички зборуваше за обновување на Договорот, велејќи дека верува оти наскоро ќе биде постигнат добар резултат.

САД и останатите меѓународни актери, исто така, ги пофалија напорите на Туркије за постигнувањето на договорот за житото и работата за негово обновување.

Популарни