Самит на НАТО во Мадрид     Фото: АА

Лидерите на земјите членки на НАТО официјално ги поканија Шведска и Финска да станат членки на Северноатлантската Алијанса. Ова се случи еден ден откако Шведска и Финска се согласија да соработуваат во борбата на Туркије против терористичката организација ПКК и нејзините ограноци.

„Денеска решивме да ги поканиме Финска и Шведска да станат членки на НАТО и се согласивме да ги потпишеме пристапните протоколи”, се вели во соопштението од самитот во Мадрид.

Според деталите од договорот објавени од турскиот Директорат за комуникации, Финска и Шведска се договориле да преземат конкретни чекори за екстрадиција на терористите, спречувајќи ја терористичката пропаганда против Туркије. Тие, исто така, се согласија да не воведуваат ембарго на турската одбранбена индустрија и да ја зголемат соработката.

„Сите страни, исто така, се согласија да формираат Постојан заеднички механизам, кој вклучува правни, разузнавачки, безбедносни службеници, за спроведување на меморандумот“, соопшти Дирекцијата.

Андерсон: Екстрадициите ќе зависат од информациите од турските власти

Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска изјави дека екстрадициите кои произлегуваат од договорот со Туркије ќе зависи од информациите добиени од турските власти.

„При сите екстрадиции продолжуваат да се следат шведското и меѓународното право и Европската конвенција за екстрадиции”, рече Андерсон.

Усвоен новиот стратегиски концепт

Лидерите на земјите членки на НАТО го одобрија новиот стратегиски концепт. Ова на Твитер го објави генералниот секретар Јенс Столтенберг. НАТО ја критикува Русија за нападот врз Украина. Ставот на Алијансата е дека овој потег го наруши мирот.

„Силна независна Украина е од витално значење за стабилноста на НАТО. Сакаме да живее,е во свет каде што се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, човековите права и меѓународното право. Секоја земја да може да го избере својот пат, ослободена од агресија, принуда или субверзија”, е ставот на членките на НАТО.

Тие ја посочуваат Русија како најголема закана и сметаат дека Кина прави се за да ја зајакне својата економска моќ и влијание.

Генералниот секретар на НАТО изјави дека Украина ќе добива финансиска и воена помош до кога е тоа потребно.

Бајден: НАТО е сега попотребно од кога било

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Мадрид изјави дека Соединетите Американски Држави ќе го променат и зајакнат составот на своите сили во Европа во согласност со заканите што доаѓаат од Русија. Тој рече дека САД ќе го зголемат бројот на разорувачи во Шпанија од четири на шест, ќе воспостават постојана команда за 5-от армиски корпус во Полска, ќе распоредат дополнителна ротирачка бригада во Романија, ќе распоредат две дополнителни ескадрили Ф35 во Велика Британија, ќе ги зајакнат ротирачките единици во балтичките земји и ќе распоредат дополнителни сили за воздушна одбрана во Германија и Италија.

„Путин го наруши мирот во Европа. САД и нивните сојузници ги засилуваат своите сили, докажувајќи дека НАТО е потребен повеќе од кога било”, рече Бајден.

Зеленски: Русија сака да го диктира светскиот поредок

Самитот на НАТО во Мадрид се одвива во исклучително сложена ситуација во време на руската инвазија на Украина. На тоа посочи и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, а дел од лидерите на земјите членки на НАТО изјавија дека Украина и натаму ќе добива поддршка.

Преку видео врска на самитот обраќање имаше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој побара поддршка за Украина да и се спротивстави на Русија која како што рече сака да го диктира светскиот поредок.

TRT Balkan / агенции
Популарни