„Дел од она што е невообичаено за понеделничкиот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала е тоа што тој предизвика втор земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтер, што не е вообичаена појава“, рече Саскија Гоес, професорка по геофизика на Империјалниот колеџ во Лондон.
Во интервју за TRT World, Гоес објасни дека земјотресите обично предизвикуваат многу дополнителни послаби земјотреси, меѓутоа земјотресот од 6 февруари предизвика уште еден земјторес со речиси иста јачина.
„Силните земјотреси кои оваа недела го погодија југоистокот на Туркије беа трипати посилни од земјотресите во Мармара во 1999 година, на северозападот на земјата“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата во текот на посетата на Дијарбакир, на југоистокот на земјата.
Според Гоес, до висок степен на разорување дошло бидејќи земјотресот бил релативно плиток.
„Тоа е својство на овие типови раседи - земјотресите да се случуваат прилично плитко и потресувањето бргу да се оддалечува од изворот. Всушност, што сте поблиску до изворот, толку тресењето е поинтензивно“, објаснува таа.
Првиот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала се случи долж источниот анадолски расед - добро познатата раседна зона во истокот на Туркије.
Вработен во Управата за катастрофи и вонредни ситуации (АФАД) Орхан Татар во саботата рече дека земјотресот, кој е со јачина од 7,7 степени по Рихтеровата скала, предизвика и ослободи енергија моќна како 500 атомски бомби.
Како 500 атомски бомби
Гоес рече дека земјотресот во Туркије во 1939 година, кој ја погоди источната покраина Ерзинџан, ги направи идните земјотреси поверојатни.
„Тоа предизвика цела низа поголеми земјотреси помеѓу 1939 и 1999 година, мигрирајќи на запад долж зоната на раседот“, вели Гоес за TRT World.
Сепак, промените во напрегањето предизвикани од еден земјотрес се релативно мали во споредба со вкупното напрегање потребно за раскинување на раседот, објасни Гоес. Затоа, на научниците им е тешко да знаат дали одреден земјотрес ќе ја зголеми фреквенцијата на земјотреси во некоја земја или регион.
Орхан Татар од АФАД рече дека траењето на првиот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени беше 65 секунди, а вториот 45 секунди.
Со два земјотреси, регионот сериозно се тресеше близу 2 минути.
Во врска со вулканската активност во областа, Татар рече дека „нема проток на лава, вулканска пепел, нафта или гас во регионот“.
„Според нашите сознанија, инцидентот во Кахраманмараш не е ништо друго освен едноставно движење на маса кое го покрена земјотресот и кое го гледаме често по вакви земјотреси“, додаде тој.
Земјотрес со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 10 покраини во Туркије, вклучувајќи ги Хатај, Газиантеп, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.
Според ОН, повеќе од 5 милиони луѓе сега би можеле да останат без домови во северот на Сирија, која веќе страда од 12-годишната граѓанска војна и бегалските кризи.
„Моментално 160.000 луѓе работат во 10 покраини, заедно со тимовите од странство“, рече Ердоган кој се состана и со жртвите од земјотресот во Дијарбакир.