Останатите неексплодирани муниција и експлозив во Газа продолжуваат да го загрозуваат секојдневниот живот на Палестинците по неодамнешниот прекин на огнот.
Анадолу ги сними остатоците од муниција и експлозив од нападите на израелската Армија во регионот.
Во Рафах, град во јужниот дел на Газа, палестинските тимови работат на расчистување на неексплодираните убојни средства, како бомби, гранати, кои паднале за време на нападите.
Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што беше запрена геноцидната војна на Израел во која беа убиени најмалку 47.000 Палестинци, главно жени и деца, а повредени над 110.700 од 7 октомври 2023 година кога започна.
Договорот за прекин на огнот кој се состои во три фази вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Како резултат на израелската офанзива за исчезнати се водат над 11.000 луѓе, предизвикано е масовно разорување и огромна хуманитарна криза која ги однесе животите на многу постари луѓе и деца во една од најлошите глобални хуманитарни катастрофи досега.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.