Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе се обрати на заедничката седница на Конгресот на Соединетите Американски Држави на 24 јули, објави претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.
„Очекуваме да ја слушнеме визијата на израелската Влада за одбрана на демократијата, борба против теророт и воспоставување праведен и траен мир во регионот“, напиша Џонсон на X.
Четворицата највисоки лидери на Конгресот - Џонсон, лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис и лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, минатата недела официјално го поканија Нетанјаху да одржи говор пред Конгресот.
Шумер во четвртокот изјави дека има „јасни и длабоки несогласувања“ со Нетанјаху, „што ги искажав и приватно и јавно, и ќе продолжам со тоа“.
„Но бидејќи односот на Америка со Израел е железен и надминува еден човек или премиер, се приклучив на барањето за неговото обраќање“, додаде тој.
Нетанјаху рече дека е „многу трогнат“ од привилегијата да го претставува Израел пред двата дома на Конгресот.
Тој нагласи дека „ќе се презентира вистината за нашата праведна војна против оние што сакаат да нѐ уништат пред претставниците на американскиот народ и на целиот свет“.
Сенаторот Берни Сандерс веќе изјави дека нема да присуствува на говорот на „воениот злосторник“ Нетанјаху.
„Нетанјаху е воен злосторник. Не треба да биде поканет да се обрати на заеднички состанок на Конгресот. Јас сигурно нема да присуствувам“, рече Сандерс.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива против Појасот Газа и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во Газа се убиени околу 36.600 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а над 83.000 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да почне копнениот напад врз градот на 6 мај.