Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска им порача на Иранците дека еден ден нивната земја ќе биде слободна, објавија израелските медиуми.
„Заедно ќе го трансформираме Блискиот Исток во светилник на напредок и мир“, рече тој во видео-пораката до иранскиот народ, објави „Ерусалим пост“.
Нетанјаху рече дека Израел сака мир со Иран и додаде дека знае дека тоа го сака и Иран, но Исламската Република спречува такво нешто.
„Вие страдате под владеење на режим, кој ве потчинува и ни се заканува“, рече тој.
Израелскиот премиер додаде дека „иранските угнетувачки власти“ потрошиле повеќе од 30 милијарди долари за поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој се распадна за само 11 дена.
„Вашиот режим исто така потроши повеќе од 20 милијарди долари за поддршка на Хезболах во Либан, а за неколку недели повеќето од лидерите на тоа движење, нивните ракети и илјадници терористи беа претворени во прашина“, заклучи Нетанјаху во пораката до иранскиот народ.