Тој ви ги уништи животите, им рече Нетанјаху на Палестинците во Газа / Photo: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска, по убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, изјави дека војната на Блискиот Исток сè уште не е завршена и дека палестинската милитантна група нема да остане на власт во појасот Газа.

„Граѓани на Израел, Јахја Синвар е мртов. Одговорен за најголемиот масакр на Евреите по Холокаустот, главниот терорист кој уби илјадници Израелци и киднапираше стотици граѓани беше убиен од нашите херојски војници. Сметката е платена“, рече Нетанјаху.

Тој ги предупреди членовите на палестинскиот Хамас дека нивните водачи „ќе бидат елиминирани“, додавајќи дека на секој милитант што ќе ги ослободи заложниците и ќе го положи оружјето ќе му биде дозволено „да оди и да продолжи да живее“.

Во телевизиски говор, Нетанјаху рече дека убиството на Синвар е можност жителите на Газа да се ослободат од тиранијата.

„Тој ви ги уништи животите“, им рече Нетанјаху на Палестинците во Газа.

Нетанјаху нагласи дека регионот сега има можност да ја запре „оската на злото“, мислејќи на Иран и неговите посредници, Хамас и Хезболах, и да воспостави „мир и просперитет“ на Блискиот Исток.

Премиерот им порача на семејствата на заложниците дека Израел продолжува да работи за ослободување на киднапираните.

„Им велам на драгите семејства на заложниците: ова е важен момент во војната. Ќе продолжиме со полна сила додека сите ваши најблиски, нашите најблиски не се дома“, нагласи Нетанјаху.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, ИД и Шин Бет вечерва потврдија дека Синвар бил убиен во средата во јужниот дел на Газа, но Хамас допрва треба да излезе со соопштение.

Израел вршеше проверки во текот на денот, вклучително и ДНК тестови, за да утврди дали Синвар е меѓу неколкуте убиени Палестинци.

Синвар е роден во Кан Јунис и беше избран за лидер на Хамас во Газа во 2017 година.

Тој беше назначен за политички лидер на таа милитантна палестинска група на почетокот на август, по атентатот на лидерот Исмаил Ханије во Техеран.

Се смета дека Синвар (61) стои зад нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. Тој помина 23 години во израелски затвори пред да биде ослободен во 2011 година во размена на затвореници.

TRT Balkan / агенции
Популарни