За оние кои сè уште не разбрале, сакам да ја разјаснам политиката на Израел, не чекаме да се оствари заканата, ние ја предвидуваме, рече Нетанјаху / Photo: AA

Додека либанските медиуми јавуваат за смртоносните израелски напади врз цели во јужен и источен Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од подземната командна соба на воениот штаб Кирија во Тел Авив изјави дека израелската армија дејствува со цел да се „промени рамнотежата на силите на северот на Израел“.

„За оние кои сè уште не разбрале, сакам да ја разјаснам политиката на Израел. Не чекаме да се оствари заканата, ние ја предвидуваме. Секаде, на секое место, во секое време“, рече Нетанјаху, пренесува Тајмс оф Израел.

Нетанјаху потврди дека израелската армија ги елиминира високите функционери на Хезболах, членовите на таа организација и ракетните складишта на милитантната група.

„Кој ќе се обиде да не повреди, ние ќе го повредиме уште повеќе. Ветив дека ќе го промениме безбедносниот баланс и однос на силите на северот на нашата земја. Токму тоа го правиме - уништуваме илјадници проектили и ракети насочени кон израелските градови и израелските граѓани“, рече Нетанјаху.

Во денешните израелски воздушни напади врз цели на либанската милитантна група Хезболах во јужен Либан, загинаа најмалку 182 лица, а повеќе од 727 лица се ранети, соопшти претходно денеска либанското Министерство за здравство, наведувајќи дека денешниот напад е најкрвавиот од почетокот на судирите меѓу Хезболах и Израел во октомври лани.

Во соопштението на либанското Министерство за здравство се наведува дека меѓу загинатите и ранетите има жени и деца, објави претходно Тајмс оф Израел.

Портпаролот на израелската армија (ИДФ) Данијел Хагари претходно денеска ги повика цивилите кои живеат во долината Бека во источен Либан во рок од два часа да ги напуштат куќите во кои Хезболах складира оружје, бидејќи „во блиска иднина“ овие објекти ќе бидат цел на израелски напади.

„Се подготвуваме да нападнеме терористички цели во долината Бека во блиска иднина. Хезболах складира стратешко оружје во цивилни згради, го користи населението како жив штит и намерно го става на ризик“, рече Хагари на прес-конференција и ги предупреди локалните населението веднаш да се оддалечи од објектите каде што се чуваат проектили или друго оружје.

TRT Balkan / агенции
Популарни