Според анкетата, партијата Ликуд на Нетанјаху би освоила 23 места, додека опозициската партија Национално единство предводена од Бени Ганц би обезбедила 20 места / Photo: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тешко би можел да формира Влада доколку во земјата денес се одржаа избори, покажува новата анкета објавена денес.

Анкетата покажа дека коалицијата на Нетанјаху нема да го достигне потребното мнозинство од 61 место во 120-члениот Кнесет.

Анкетата, спроведена од Институтот Лазар и објавена од израелскиот дневен весник „Марив“, вели дека десничарскиот блок на Нетанјаху би обезбедил само 51 место во Кнесетот.

Опозицискиот блок би освоил 58 места, а арапските партии 11, се наведува.

Според анкетата, партијата Ликуд на Нетанјаху би освоила 23 места, додека опозициската партија Национално единство предводена од Бени Ганц би обезбедила 20 места.

Центристичката партија Јеш Атид предводена од опозицискиот лидер Јаир Лапид би освоила 14 места, додека партијата Израел Бејтеину на Авигдор Либерман би добила 14 места.

И покрај резултатите од анкетата, мала е веројатноста за одржување на нови избори во блиска иднина, бидејќи Нетанјаху ја отфрли можноста за тоа додека Израел продолжува со своите офанзиви во Газа и во Либан.

Некои од критичарите на Нетанјаху велат дека тој постојано отфрла каков било предлог за прекин на огнот бидејќи мирот би значел избори, а веројатно и крај на неговото владеење.

„Марив“ објави дека анкетата била спроведена на случаен примерок од 602 Израелци.

Претходната анкета на истиот медиум покажа дека војната против Либан првично ја зголеми популарноста на Ликуд, а последователните анкети покажаа пад на поддршката за блокот на Нетанјаху.

Израел на 7 октомври минатата година започна брутална офанзива врз Појасот Газа во којашто досега убиени се над 42.000 луѓе, главно жени и деца, а повредени се над 99.000.

Конфликтот се прошири и во Либан, каде Израел започна со смртоносни напади низ целата земја, во кои од 23 септември загинаа повеќе од 1.500 луѓе, а повредени се над 4.500.

И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, на 1 октомври Тел Авив го прошири конфликтот со започнување копнен упад во јужен Либан.

AA
Популарни