Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обнови своето одбивање да се повлечe од барањето Израел да остане на коридорот „Филаделфија“ на границата меѓу Појасот Газа и Египет.
„Ако се повлечеме, нема да можеме да се вратиме таму - ниту по 42 дена, ниту по 42 години“, рече тој за време на состанокот на владата, цитиран од израелскиот Канал 12.
Премиерот мислеше на првата 42-дневна фаза од предложениот договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници со Хамас.
Нетанјаху тврди дека коридорот „Филаделфија“, демилитаризирана област на границата меѓу Газа и Египет, е „спас“ за Хамас.
„Мораме да останеме на „Филаделфија“, тоа е од суштинско значење за безбедноста на Израел“, рече тој.
„Покрај тоа, ако заминеме, ќе ни биде тешко да се вратиме. Ова е критично време во војната за одржување на коридорот, без кој нема да можеме да ги исполниме целите на војната“.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави рано во понеделникот дека не мисли дека Нетанјаху прави доволно за да обезбеди заложнички договор со Хамас.
Тврдокорната позиција на Нетанјаху за коридорот опозициските лидери и семејствата на израелските заложници во Газа ја сметаат како попречување на напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници со Хамас.
Со месеци, САД, Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за да се обезбеди размена на затвореници и прекин на огнот и да се дозволи хуманитарна помош да влезе во Газа. Но, напорите за посредување се блокирани поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.
Во тековната израелска војна на Појасот Газа загинаа речиси 40.800 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 94.200 други, според локалните здравствени власти.
Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, оставајќи голем дел од регионот во урнатини.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид за своите постапки во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.