Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ги негираше извештаите на медиумите дека се согласил на привремен прекин на огнот со Хезболах во Либан.
„Ова е американско-француски предлог на кој премиерот не ни одговорил“, се вели во соопштението од Кабинетот на Нетанјаху.
САД, ЕУ и девет други земји ги повикаа Израел и Хезболах доцна синоќа да се согласат на 21-дневен прекин на огнот.
Израелскиот „Канал 12“ рано утрово објави дека Нетанјаху дал зелено светло за привремен прекин на огнот во Либан со цел да го отвори патот за преговори со Хезболах.
Израелскиот премиер ги отфрли и информациите дека побарал од Армијата да ги намали воздушните напади во Либан, повторувајќи дека тој ѝ наредил на војската да продолжи со полна сила.
Во однос на израелската војна во Газа, Нетанјаху инсистира дека борбите во палестинската енклава „ќе продолжат додека не се постигнат сите цели на војната“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, исто така отфрли каков било прекин на огнот во Либан.
„Ќе продолжиме да се бориме против терористичката група Хезболах со полна сила до победа и безбедно враќање на жителите на северот во нивните домови“, рече Кац.
Израел започна напади врз Либан од понеделникот наутро, убивајќи најмалку 610 луѓе, а 2.000 беа повредени, според бројките објавени од Министерството за здравство.
Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.