Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата ја посети границата со Либан на северот на земјата, каде рече дека Израел е подготвен да преземе силни акции во областа.
Северните погранични градови на Израел, од кои многу се евакуирани, се чести мети на ракетни и напади со дронови на либанската милитантна група Хезболах.
Ракетите предизвикаа огромни пожари оваа недела, изгореа големи области низ северен Израел.
„Кој мисли дека може да ни наштети, а ние ќе седиме со скрстени раце, прави голема грешка. Подготвени сме за многу силна акција на север. На овој или оној начин, ќе ја вратиме безбедноста на северот“, рече Нетанјаху.
Во меѓувреме, Владата на Израел им дозволи на израелските одбранбени сили (ИД) да го зголемат резервниот капацитет од 300.000 на 350.000 резервисти ако е потребно заради ескалација на конфликтото со Хезболах.
„Оваа одлука ќе важи до 1 август, според одлуката што ја објави Армиското радио“, пишува Тајмс оф Израел.
Началникот на Генералштабот на ИД Херзи Халеви вчера најави дека Израел е блиску до донесување одлука во врска со секојдневните напади на милитантната група Хезболах на северот на Израел.
Хезболах, поддржан од Техеран, разменува оган со Израел во последните осум месеци заедно со војната во Газа, предизвикувајќи загриженост дека би можел да избие поширок конфликт меѓу тешко вооружените ривали.
Непријателствата меѓу Израел и Хезболах го достигнаа најлошото ниво откако тие влегоа во војна во 2006 година, а десетици илјади луѓе од двете страни на границата беа принудени да ги напуштат своите домови.