Нетанјаху оцени дека обвинувањата против него се „океан на апсурдот“ / Photo: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пред судот негираше дека одобрил регулаторни одлуки кои финансиски му донеле корист на мнозинскиот акционер на телекомуникацискиот гигант Безек, Шаул Еловиќ, во износ од стотици милиони шекели (30 милиони долари), и дека за возврат добил позитивно медиумско покривање на веб-страницата Вала, чиј сопственик беше и Еловиќ.

Адвокатот на Нетанјаху, Амит Хадад, рече дека премиерот и Елович не се познавале добро, дури и по вечерата во 2012 година, која Нетанјаху и неговата сопруга Сара ја приредиле за Елович и неговата сопруга, за која обвинителството тврди дека е почеток на незаконски договор меѓу двајцата, пренесува Тајмс оф Израел.

Нетанјаху тврдеше дека не се сеќава дека ги потпишал овластувањата во 2012 година, со кои Еловиќ станал сопственик на Безек, велејќи дека тој потпишал „илјадници“ такви овластувања за време на неговиот мандат.

За време на неговото сведочење, тој постојано инсистираше на тоа дека нема ништо нелегитимно или незаконско во тоа што функционери на неговата партија Ликуд бараа промени во известувањето на Вала, вклучително и одредени написи, или бараа сајтот да објавува текстови на барање на членовите на владејачката партија.

Нетанјаху пред судот изјави дека таквите интеракции меѓу политичарите и печатот се клучен дел од демократијата и се спореди себеси со американските лидери Томас Џеферсон и Александар Хамилтон, кои, според него, се обидуваат да го користат печатот за политичка корист.

Аргументите на премиерот за медиумското известување и неговата интеракција со сопствениците на медиумите се клучни за неговата одбрана, бидејќи тој не негира дека се обидел да го промени и подобри известувањето на Вала, но негира дека станува збор за поткуп заради подобра медиумска слика.

Тој, исто така, пред судот се изјасни за невин за корупција и за обвинувањата дека примил големи количини шампањ и пури и ја искористил својата положба за нелегално да прибави големи суми пари.

„Тоа се целосни лаги. Јас работам 17-18 часа на ден. Сите што ме познаваат го знаат тоа. Така работам. Оброците пристигнуваат во мојата канцеларија, не е кордон блу, ниту пак келнерите доаѓаат со бели ракавици“, рече Нетанјаху и оцени дека обвинувањата против него се „океан на апсурдот“.

Како што пренесува АП, Нетанјаху изгледал опуштено во презентирањето на својата верзија за настаните и деталите за неговиот живот пред судот што би можеле да ја обликуваат перцепцијата на судиите за него.

Еден случај се однесува на примање пури и шампањ во вредност од десетици илјади долари од соработници на богати холивудски продуценти во замена за помош за остварување на нивните лични и деловни интереси.

Нетанјаху рекол дека понекогаш пуши пури, но дека „речиси никогаш не успева да заврши пура“ поради преоптовареноста со работа и рече дека „мрази“ шампањ.

Обвинетиот израелски премиер (75) исто така рече дека обвинувањата против него се „лов на вештерки оркестриран од непријателска медиумска сцена и пристрасен судски систем со цел да се собори неговото долгогодишно владеење“.

Додека Нетанјаху сведочеше, десетици луѓе се собраа пред судот во Тел Авив да протестираат против него, вклучително и членови на семејствата на заложниците на Хамас во Појасот Газа, но се појавија и група негови поддржувачи.

Пред судот беше истакнат транспарент на кој пишуваше „Министер за криминал“.

Нетанјаху е првиот израелски премиер кој сведочеше како обвинет, а се соочува со три точки од обвинението за корупција, вклучително и обвиненија за измама и нарушување на довербата, како и обвиненија за поткуп, измама и нарушување на довербата.

Според израелскиот закон, обвинетите израелски премиери не се обврзани да поднесат оставка.

TRT Balkan / агенции
Популарни