Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја критикуваше намерата на Норвешка, Ирска и Шпанија да ја признаат независната палестинска држава.
„Намерата на неколку европски земји да ја признаат палестинската држава е награда за тероризмот“, рече Нетанјаху во средата.
Израелскиот премиер тврди дека 80 отсто од Палестинците на Западниот Брег го поддржуваат масакрот извршен на 7. октомври.
„На тоа зло не може да му се даде држава. Тоа би била терористичка држава и ние нема да се согласиме со тоа“, нагласи тој.
Тој додаде дека „наградувањето на тероризмот нема да донесе мир“ и дека нема да го спречи Израел да го победи Хамас.
Решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт предвидува независна палестинска држава која мирно постои поред Израел.
Нетанјаху се противи на решението за две држави, како и палестинското исламистичко движење Хамас, кое не го признава Израел.
Израел од крајот на 2022 година е управуван од екстремно десничарска влада предводена од Нетанјаху, лидерот на партијата Ликуд, која жестоко се спротивставува дури и да се разговара за формирање палестинска држава.
Формалното признавање на Палестина како држава од Норвешка, Ирска и Шпанија ќе стапи на сила на 28 мај 2024 година.
Палестина е веќе признаена од осум европски земји: Бугарија, Полска, Чешка, Романија, Словачка, Унгарија, Шведска и администрацијата на кипарските Грци.
Признавањето доаѓа откако Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во енклавата.