Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека неговата влада ќе прифати продолжување на хуманитарната пауза во Газа во замена за ослободување на повеќе заложници.
Нетанјаху во видео изјава објавена од неговиот кабинет рече дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден и му рекол дека продолжувањето ќе биде прифатено во замена за ослободување на 10 заложници за секој дополнителен ден од паузата.
Тој нагласи дека по паузата, Израел ќе ги продолжи своите воени операции со крајна цел да ја елиминира палестинската група Хамас и да се погрижи сите преостанати заложници да бидат вратени.
Од кабинетот на Бајден информираат дека за време на разговорот со Нетанјаху двјцата ветиле дека „ќе продолжат да работат за да се обезбеди ослободување на сите заложници“ кои ги држи Хамас.
Бајден го поздрави ослободувањето на заложниците од страна на Хамас во изминатите три дена, вклучително и 4-годишното американско девојче Авигејл Ајдан.
Бајден и Нетанјаху разговарале и за хуманитарната пауза во борбите и порастот на „многу потребната дополнителна хуманитарна помош“ во Газа.
„Двајцата лидери се согласија да останат во близок контакт во наредните денови“, се вели во соопштението.
Четиридневната хуманитарна пауза со посредство на Катар, Египет и САД стапи на сила во петокот, привремено запирајќи ги нападите на Израел врз Појасот Газа.
Во првите два дена од паузата, Хамас и Израел разменија 41 Израелец и странци за 78 Палестинци во израелските затвори.
Според договорот, заложниците и затворениците ќе бидат ослободени во групи во текот на четири дена.
Израел започна масовна воена кампања во Појасот Газа по прекуграничен напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш уби најмалку 14.854 Палестинци, вклучувајќи 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата. Официјалниот израелски број на загинати изнесува 1.200.