Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека неговата земја се подготвува за копнена офанзива во Појасот Газа и вети дека „скандалот“ од 7. октомври и неуспехот да се се спречи нападот на Хамас ќе биде предмет на темелна истрага по завршувањето на војната.
„Се подготвуваме за копнеен упад во Газа“, рече Нетанјаху на прес-конференција, додавајќи дека времето на офанзивата ќе го одреди воениот кабинет, без да даде дополнителни детали
„Веќе убивме илјадници терористи и ова е само почеток. Истовремено се подготвуваме за копнена инвазија. Нема да елаборирам кога, како и колку. Нема да елаборирам ниту за различните калкулации што ги правиме, за кои јавноста главно не е запознаена и така треба да се работи“ рече Нетанјаху.
Тој нагласи дека операцијата има две цели: да се уништат можностите на палестинската група Хамас и да се направи сѐ што е можно за ослободување на заложниците.
„Сите членови на Хамас ќе умрат над и под земјата, внатре и надвор од Газа“.
Коментирајќи ги воените и разузнавачките неуспеси кои резултираа со нападот на Хамас на 7. октомври Нетанјаху рече дека „скандалот ќе биде целосно истражен“.
„Сите ќе треба да дадат одговори. И јас. Но сето ова ќе се случи дури по војната“.
Нетанјаху претходно се воздржуваше од преземање одговорност за неуспехот да ги предвиди и спречи нападите на Хамас, додека други официјални лица прогласија заедничка одговорност.
„Сега е време да се обединиме за една цел: да јуришаме напред кон победа“, рече Нетанјаху во врска со продолжувањето со плановите против групата Хамас во Газа.
„Со заеднички сили, со длабока вера во правдата на нашата кауза и во вечноста на Израел, ќе го реализираме пророштвото од Исаија 60:18“, рече Нетанјаху користејќи цитати од Стариот завет, книгата на Исаија.
„Во твојата земја нема повеќе да се слуша насилство, ни пустош, ни пропаст во границите твои, туку твоите ѕидови ќе ги нарекуваш спасение, а твоите порти слава“ цитираше премиерот.
„Заедно ќе се бориме и заедно ќе победиме“, рече Нетанјаху.