Нетанјаху со критики до Путин за антиизраелскиот став за војната во Газа

Нетанјаху со критики до Путин за антиизраелскиот став за војната во Газа

„Израел ќе ги искористи сите средства, дипломатски и воени, за да ги ослободи сите наши заложници“
Нетанјаху со критики до Путин за антиизраелскиот став за војната во Газа / Photo: AA

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изрази критики поради рускиот став против Израел во однос на војната во Газа за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Во соопштението од Кабинетот на Нетанјаху се наведува дека израелскиот премиер изразил незадоволство од антиизраелските ставови искажани од руските претставници во Обединетите нации и на други форуми.

Тој, исто така, остро ја критикувал „опасната“ соработка меѓу Русија и Иран, се додава во соопштението.

„Израел ќе ги искористи сите средства, дипломатски и воени, за да ги ослободи сите наши заложници“, нагласил Нетанјаху за време на телефонскиот разговор.

Израелскиот премиер, исто така, ја повикал Москва да изврши притисок врз Меѓународниот комитет на Црвениот крст „во врска со посетите и испораката на лекови за нашите заложници“.

Русија, една од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), беше една од 13-те земји кои во петокот гласаа за резолуцијата со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа за хуманитарни цели. На резолуцијата ставија вето Соединетите Американски Држави (САД).

Израел ја продолжи својата воена офанзива на Појасот Газа на 1 декември, по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас. Најмалку 17.700 Палестинци загинаа, а над 48.780 лица се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври, по прекуграничниот напад на Хамас.

Според официјалните податоци на Израел, бројот на загинати Израелци во нападот на Хамас изнесува 1.200, додека најмалку 138 заложници сè уште држи Хамас.

TRT Balkan / агенции
Популарни