Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека британската влада донела „срамна одлука“ да суспендира дел од дозволите за извоз на оружје наменето за Израел.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами вчера најави дека Велика Британија ќе суспендира 30 од вкупно 350 дозволи за извоз на оружје наменето за Израел.
Одлуката уследи откако новата лабуристичка влада соопшти дека открила дека постои „јасен ризик“ британското оружје да се користи за сериозно прекршување на меѓународното право поврзано со третманот на палестинските затвореници и испораката на помош во Газа.
Овој потег дојде еден ден откако израелските сили ги открија телата на шестмина заложници убиени во тунел во Газа.
Нетанјаху додаде дека одлуката нема да ја промени решеноста на Израел да го победи Хамас и додаде дека оваа погрешна британска одлука само ќе го охрабри Хамас.
„Без или со британско оружје, Израел ќе победи во оваа војна и ќе ја обезбеди нашата заедничка иднина“, рече тој.
Лами по победата на општите избори на лабуристите рече дека ќе ја разгледа продажбата на оружје на сојузникот Израел за да се осигура дека тие се усогласени со меѓународното право.
Британскиот извоз на оружје изнесува помалку од еден процент од вкупниот износ на оружје што го добива Израел, а Лами рече дека оваа суспензија на дозволите за извоз нема да има материјално влијание врз безбедноста на Израел и дека Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на самоодбрана.
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон денеска ја обвини новата британска лабуристичка влада дека го оставила Израел на цедило .
„Хамас сè уште држи многу невини еврејски заложници додека Израел се обидува да спречи повторување на масакрот од 7 октомври. Зошто Лами и премиерот Стармер го „напуштаат“ Израел, дали сакаат Хамас да победи? напиша Џонсон на мрежата Х.
Како што објави „Политико“, Џонсон е долгогодишен соработник на Израел, кој го нарече „лудо“ и „срамно“ секое размислување за прекин на испораката на оружје за Израел.