Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на иранската активистка Наргес Мохамади.
„Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слободата за сите“, соопшти Норвешкиот Нобеловиот комитет.
Педесет и едногодишната Мохамади „е жена, поборник за човекови права и борец за слобода“, соопшти Комитетот.
„Со доделувањето на овогодинешната Нобелова награда за мир, норвешкиот Нобеловиот комитет сака да ја почитува нејзината храбра борба за човекови права, слобода и демократија во Иран. Се додава дека овогодинешната награда за мир, исто така, им оддава признание на стотиците илјади луѓе кои „демонстрираа против политиката на теократскиот режим на дискриминација и угнетување врз жените“ во претходната година.
Годинава имаше 351 кандидат за Нобеловата награда за мир, што е втор најголем број досега.
Имињата на номинаторите и имињата на номинираните за Нобеловата награда за мир не можат да бидат откриени додека не поминат 50 години.
Нобеловата награда за мир ја доделува Норвешкиот Нобелов комитет од 1901 година, додека останатите четири награди ги доделуваат шведските комитети. Норвешкиот Нобелов комитет се состои од пет члена назначени од норвешкиот парламент.
Минатата година Нобеловата награда за мир беше доделена на застапникот за права Алес Биалатски од Белорусија и две организации за човекови права од Русија и Украина.
Добитници на наградата во минатото биле и поранешните американски претседатели Џими Картер (2002) и Барак Обама (2009), како и пакистанската активистка Малала Јусафзаи (2014), ЕУ (2012), Обединетите нации и тогашниот генерален секретар Кофи Анан (2001 година).