Израелскиот министер за одбрана синоќа изјави дека следната цел на армијата во Појасот Газа ќе биде јужниот град Рафах, тврдејќи дека тој е последното преостанато упориште на палестинската група Хамас.
Јоав Галант во изјава за израелскиот јавен сервис КАН, рече дека борците и водачите на Хамас се кријат во Рафах.
„Ќе стигнеме и до областите каде што сè уште не сме се бореле во центарот на Појасот Газа и на југ, а особено последното преостанато упориште на Хамас во Рафах“, рече тој.
Повеќе од 1,3 милиони луѓе сега живеат во Рафах и околината а повеќето од нив се раселени од другите делови на Газа.
Неколку групи за заштита на правата предупредија дека било каква израелска воена офанзива во Рафах би однела животи на многу луѓе таму.
Галант повтори дека на крајот од борбите Хамас нема да може повторно да владее со Газа.
Тој ја опиша копнената операција на армијата во Газа како „една од најкомплексните и најкомплицираните во историјата на војните“.
Хамас допрва ќе ги коментира изјавите на Галант.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври во кој Тел Авив соопшти дека биле убиени речиси 1.200 Израелци.
Најмалку 27.478 Палестинци се убиени, а 66.835 други се повредени во израелските напади во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти во понеделникот Министерството за здравство во енклавата.
Израелската офанзива остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според ОН.