По четвртото откриено истекување на гас во водите на Шведска и се позасилените сомнежи дека станува збор за саботажа на гасоводот „Северен тек“, во петок ќе се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Барањето го упати Русија, за да се расправа за оштетувањата на двата гасоводи кон Европа што доведе до големи истекувања во Балтичкото море. Засега Западот се сомнева дека најверојатно е извршена саботажа при што дошло до експлозии на повеќе точки на гасоводот.
Кремљ официјално негираше било каква вмешаност во наводите за саботажа. Од друга страна пак, Европската Унија се сомнева дека зад истекувањето на подморските руски гасоводи кон Европа стои саботажа и вети „силен“ одговор на секое намерно нарушување на нејзината енергетска инфраструктура.
За време на наводната експлозија и двете цевки за гас не работеле активно. Според податоците на крајбрежната служба на Шведска, забележани се две хаварии, една поголема на Северен тек 1 при што загадување бележи најблиската шведска екслузивна економска зона, и една на Северен тек 2.
Останатите две нарушувања придружени со истечен гас се во непосредна на територијалните води на Данска, исто така во нивната ексклузивна економска зона.
Меѓусебни обвинувања
Ентони Блинкен државниот секретар на САД разговарал со неговите европски колеги, извести Стејт Департментот и посочи дека поддржуваат целосна истрага за да се утврди кој стои зад овој „очигледен чин на саботажа“.
За руската Влада, станува збор за „акт на тероризам, најверојатно на државно ниво“, порача Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ.
Високи претставници на ЕУ информираат дека европската критична инфраструктура мора да биде заштитени и дека нарушениот гасовод ќе ја промени природата на досегашниот конфликт во Украина.
Европа се очекува да наметне нов пакет санции против Русија, во период на силна спротиставеност и недостиг на клучни енергенси кои ја зголемуваат енергетската и ценовната криза.