Локалните власти во Газа доцна синоќа го обвинија Израел за крадење органи од телата на Палестинците и побараа меѓународна истрага за тоа.
Во соопштението, владината Канцеларија за медиуми со седиште во Газа рече дека испитувањето на телата открило дека нивните форми значително се променети поради вадење витални органи од телата.
Се додава дека израелската војска ги предала телата без имиња и одбила да прецизира од каде се лицата.
Исто така, се наведува дека израелската војска повторила таков чин за време на војната во Газа, а исто така ексхумирала и тела од гробиштата.
Во соопштението се критикува, како што се наведува, „тивката позиција на меѓународните организации кои работат во Газа, вклучително и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кон таквото страшно злосторство од страна на израелската окупација“.
Израелските власти допрва треба да се произнесат за обвинувањата.
Вчера, израелските власти предадоа тела на десетици Палестинци убиени од израелската војска, кои беа приведени за време на нејзината копнена операција.
Министерството за здравство во Газа ги прими телата преку граничниот премин „Керем Шалом“ во јужниот дел на Појасот Газа, јави дописникот на Анадолу од терен.
Министерството за вакаф и верски прашања во Газа беше задолжено за нивното погребување во масовни гробници, јави дописникот.
„Обединетите нации однапред нѐ информираа за пристигнувањето на голем број тела во Појасот Газа, односно на околу 80 тела“, изјави за Анадолу Марван ал-Хамс, директор на болницата „Мухамед Јусеф ел-Наџар“ во градот Рафа.
„Телата пристигнаа во контејнер, некои беа цели, други беа на парчиња, а некои беа распаднати“, додаде тој.