Ѓокташ: Не можеме да ја игнорираме хуманитарната криза во Газа / Photo: AA

Туркије не може да ја игнорира хуманитарната криза со која се соочува населението на Газа, порача турската министерка за семејство и социјални услуги, Махинур Оздемир Ѓокташ.

„Не можеме да го игнорираме масакрот што го врши Израел во Појасот Газа, ниту хуманитарната криза со која се соочува населението на Газа, а која се одвива пред очите на целиот свет“, рече Ѓокташ на настан на маргините на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Трагичните последици од овие напади го загрозуваат најфундаменталното човеково право, правото на живот. Како Туркије, ја повикуваме меѓународната заедница да се обедини и да преземе итни мерки за прекин на огнот“, додаде Ѓокташ.

Таа, исто така, ја спомена и турско-американската активистка Ајшенур Езги Ејги, која беше убиена од израелските сили на окупираниот Западен Брег овој месец.

Ејги (26) беше активистка за човекови права, волонтер на Меѓународното движење за солидарност, кое ги поддржува Палестинците преку мирни и цивилни средства против израелската окупација на палестинските територии.

Турско-американската државјанка беше застрелана во главата од израелските сили на 6 септември за време на мирен протест против илегалните еврејски населби во близина на Наблус, на окупираниот Западен Брег.

Таа беше пренесена во палестинска болница, но почина и покрај максималните напори на лекарите. Беше погребана на 14 септември во Дидим, нејзиниот роден град во Ајдин, Туркије.

Семејството на Ејги ја повика американската Влада да започне независна истрага за нејзиното убиство, слична на онаа што ја спроведуваат турските власти.

AA
Популарни