Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) соопшти дека меѓу семејствата повторно се проширил стравот поради тоа што повеќе немаат каде да одат во Појасот Газа, кој е под израелски напади.
УНРВА реагираше на најавата на израелската војска во врска со евакуацијата на некои делови од Ал-Маваси, за кои претходно тврдеше дека се „хуманитарна зона“ во Газа.
Во соопштението се наведува дека Палестинците во Газа се заглавени во „бескрајна ноќна мора на смрт и разорување од огромни размери“.
„Стравот повторно се шири бидејќи семејствата немаат каде да одат“, наведува УНРВА.
Израелската војска денес издаде нови наредби за евакуација на жителите на неколку области од централниот и јужниот дел на Појасот Газа кои војската ги класифицира како „хуманитарни безбедни зони“.
Војската им нареди на жителите на населбите северно од Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа и на населбите во источниот дел на Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа да ги евакуираат подрачјата.
Војската тврди дека во овие подрачја дејствува палестинската група на отпорот Хамас и дека тие ќе бидат „опасни борбени подрачја“.
Израелските сили продолжуваат секојдневно да го бомбардираат Појасот Газа, каде живеат околу 2,3 милиони Палестинци.
Над 40.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври, повеќето жени и деца, а над 92.000 се повредени, според локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.