ОН предупредуваат: Во Рафах работи само една болница / Photo: AA

Обединетите нации (ОН) објавија дека приливот на хуманитарната помош во Газа е намален за дури 67 отсто од 7 мај, кога беше затворен граничниот премин Рафах.

Портпаролот на ОН, Стефан Дујариќ, на прес-конференција предупреди дека израелското бомбардирање на Газа продолжува интензивно.

Напоменувајќи дека приливот на помош во Газа е намален за 67 отсто, тој истакна дека главната причина за тоа е затворањето на граничниот премин Рафа.

Дујариќ, исто така, рече дека една по една затворани се и здравствените и комуналните услуги.

Предупреди дека моментално само една болница во Рафах може да обезбеди делумна услуга, додавајќи дека ОН и нивните партнери се обидуваат да обезбедат помош за цивилите и покрај тешките услови на теренот.

Пред почетокот на израелската воена операција врз Рафах на 6 мај, во градот живееја повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои избегаа од другите подрачја на Појасот Газа поради израелските напади започнати на 7 октомври 2023 година, по нападот на Хамас.

Од почетокот на израелските напади на 7 октомври минатата година, во Газа загинати се повеќе од 36.100 Палестинци, главно жени и деца, поголемиот дел од инфраструктурата е уништен, а нападите и израелските блокади доведоа до хуманитарна катастрофа.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да се осигури дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни