Од почетокот на конфликтот во Газа, речиси 40.000 згради или околу 18 отсто од сите објекти се оштетени или уништени, покажуваат проценките на ОН.
Во најновата проценка изработена од Сателитскиот центар на Обединетите нации аналитичарите испитуваат сателитски снимки од 26 ноември, со многу висока резолуција за да пронајдат оштетени згради и да објавуваат мапи кои можат да ги водат плановите за помош и обнова за време на природни катастрофи и конфликти.
Ваквите проценки засновани на сателитски снимки со висока резолуција можат да го потценат степенот на уништување бидејќи не ја покажуваат целата штета на зградата - на пример, урната зграда со недопрен покрив може да изгледа неоштетена.
„Има зголемување на вкупниот број на оштетени згради за 49 отсто, тоа е бројка што го нагласува ескалирањето на влијанието на конфликтот врз цивилната инфраструктура“, се вели во соопштението на УНОСАТ.
Проценката покажа дека најтешко погодени области се Газа и Северна Газа, кои заедно сочинуваат 29.732 згради од 37.379 оштетени или уништени, или околу 80 отсто од вкупниот број.
Масовно уништување
Претходната проценка на ОН објавена на 7 ноември покажа дека 25.050 згради биле оштетени или уништени или околу 10 отсто од вкупните структури во Газа.
УНОСАТ не ја процени штетата на зградите според нивниот вид. Според властите во Газа, бројките од претходно во конфликтот укажуваат на голема штета на станбените згради.
Еден дел од извештајот на ОН од 21 октомври проценува дека најмалку 42 отсто од сите станбени единици биле уништени или оштетени.
Околу 1,9 милиони луѓе, или околу 85 отсто од населението, ги напуштија своите домови како резултат на бруталниот воздушен и копнен напад на израелските сили врз Газа од 7 октомври.