Министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, денес изјави дека неказнувањето му овозможило на Израел да продолжи со своите „прекршувања“ во екот на тековните напади врз Газа и Либан, јавува Анадолу.
„Израел ги прекршува своите договори со Европската Унија и ако нема храбар пристап кон ова, ЕУ нема да има кредибилитет“, рече Сафади за време на говорот на 9. Регионален форум на Унијата за Медитеранот што се одржува во Барселона, Шпанија.
„Не постои алтернатива за решението за две држави, туку повеќе војна“, предупреди Сафади.
Со форумот копретседаваат Сафади и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Унијата за Медитеранот, меѓувладина организација од 43 земји членки, беше основана пред 15 години во пресрет на Договорот од Осло во духот на заедничкиот мир и просперитет за Медитеранскиот Регион.
Регионалните тензии ескалираа поради бруталната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која загинаа речиси 43.000 луѓе, главно жени и деца, по нападот на Хамас минатата година.
Според либанските здравствени власти, конфликтот се прошири во Либан, а Израел започна со смртоносни напади низ целата земја, при што над 2.600 луѓе се убиени, а повеќе од 12.000 се повредени во израелските напади од минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека регионот на Блискиот Исток е на раб на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, Тел Авив го прошири конфликтот со започнување на копнениот напад на 1 октомври врз Јужен Либан.