Организацијата на туркиските држави е формирана во 2009 година. Во неа членуваат Туркије, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, и Узбекистан, со Унгарија и Туркменистан како набљудувачи. Организацијата ја промовира соработката меѓу државите кои зборуваат турски јазик, вклучувајќи ги земјите-членки.
Организацијата на туркиските држави е меѓународно тело чиј раст на глобално ниво станува се повеќе видлив. Меѓу главните компоненти на функционирањето на Организацијата е уште поинтензивна соработка на туркискиот свет и државите членки, вели заменик генералниот секретар на Организацијата, Омер Кочаман.
Според Коџаман, еден од приоритетите на Организацијата исто така е економски бенефит за членките кој произлегува од нивниот голем потенцијал. Значењето на Организацијата на туркиските држави како што вели Коџаман се гледа и во тоа што во континуитет гарантира и геополитичка стабилност.
Лидерите на земјите-членки, како и на Унгарија треба да присуствуваат на самитот на организацијата во узбекистанскиот град Самарканд на 11 ноември.
„Многу сме задоволни од проширувањето и зајакнувањето на организацијата со приклучување на Узбекистан, Унгарија и Туркменистан во нашата организација“, вели Коџаман.
Истакнувајќи дека туркиските држави за првпат во историјата работат под еден ентитет, тој рече дека туркиските држави и целиот свет се соочуваат со нови предизвици.
„Мултиполарноста предизвикува интензивна конкуренција меѓу големите сили и ја намалува предвидливоста, а истовремено предизвикува влошување на атмосферата заснована на доверба и го зголемува ризикот од конфликти во нашиот регион“, смета генералниот секретар на Организацијата на туркиските држави.
Според Коџаман пандемијата со Ковид-19 создаде голем економски товар на земјите ширум светот. Тој смета дека недостигот од храна и вода, гладот, порастот на цените на енергијата, глобалното затоплување, масовните миграции, социјалната нееднаквост и дискриминацијата се исто така закани и предизвици кои имаат сериозни последици.
Коџаман ја истакнува потребата од натамошна соработка и координација меѓу туркиските држави во услови на глобални предизвици и закани.
Документ за визија
Цитирајќи го документот за визија на туркискиот свет за 2040 година за кој се договорија лидерите на туркиските држави за време на самитот одржан минатата година во Истанбул, Коџаман рече дека важните одлуки за безбедносна соработка се вклучени во документот за визија и во Декларацијата на Самитот во Истанбул,.
Коџаман истакнува дека силните туркиски држави значат стабилна и просперитетна Азија и Европа.
„Постои силна потреба од турската геополитика во светот денес со цел стабилно да продолжат сеопфатните економски и трговски односи меѓу Европа и Азија, Евроазија да не стане регион на конкуренција меѓу големите сили и да се елиминираат тероризмот и миграцијата кои можат да се прошират во светот од земји како Авганистан“, додаде тој.
Коџаман истакнува дека транскаспискиот среден коридор Исток –Запад станува најбезбедна и најбрза трговска рута меѓу Европа и Азија.
„Војната меѓу Русија и Украина ја докажа стратешката важност на Средниот коридор, не само за нашите земји, туку и за целиот евроазиски континент. Средниот коридор е исто така од големо значење за одржливо снабдување со енергија во Европа“, истакна тој.
Средниот коридор е мрежа од железници и патишта кои започнуваат во Туркије и продолжува низ Грузија, Азербејџан, Каспиското Море и Централна Азија се до Кина, што го прави исклучително важен за древниот пат на свилата.
Според Коџаман Организацијата на туркиските држави ќе продолжи да ги зајакнува односите меѓу земјите-членки и меѓународните институции.