Палестинецот Карим Јунис, кој помина 40 години во израелски затвор, не може да ги скрие емоциите од чувството повторно да се биде слободен човек. Потекнува од градот Ара во северен Израел. Јунис е човек со тешка судбина. Беше уапсен на 6 јануари 1983 година и осуден на смрт. Потоа казната му беше заменета со доживотен затвор, за на крајот да биде заменета со 40 години затвор.
Како 26-годишен студент, тој беше обвинет дека бил член на забранетото движење Фатах во тоа време и дека поседувал оружје и убил израелски војник.
Во текот на четирите децении поминати во затвор напишал две книги на арапски јазик. Првата во 1990 година насловена „Политичка реалност во Израел“, а втората во 1993 година насловена „Идеолошка борба и нагодба“.
Од затвор беше пуштен на 5 јануари, а во разговор за Агенција Анадолија истакна дека и во текот на ослободувањето доживеал големи непријатности од израелските стражари и безбедносните сили.
„Моето ослободување го претворија во некаква воена операција. Дента кога бев ослободен, беше како да слетаа и бараа итно да го напуштам комплексот. Инаку ослободените затвореници нормално излегуваат до капијата, но ме одведоа со возило и го пренасочија од главната рута и ме доведоа на место кое не го знам. Ме оставија и ми дадоа автобуска карта. Ми го покажаа патот до автобуската станица, без да ми ги предадат личните работи и ми рекоа оттаму сам да одам дома. Беше мрак, отидов до автобуската станица. И таму видов некои палестински работници. Побарав да ми позајмат мобилен. Кога се претставив, беа многу срдечни кон мене, се собраа и ме понудија со својата храна и пијалаци. Му се јавив на моето семејство и тие дојдоа по мене за половина час“, рече Јунис.
Истакнувајќи дека му е тешко да опише како се чувствувал по излегувањето од затвор, Јунис рече дека е посебна емоцијата да се врати во светот кој е поинаков од оној од кој отишол.
„Се обидувам да уживам во слободата. Можете да одите каде сакате и кога сакате, можете да правите што сакате, можете да одите без лисици. Тоа се чувства кои не сум ги почувствувал 40 години. Дрвја и зелена трева. Не сум го видел тоа 40 години. Само железни решетки, порти, бетонски ѕидови, бодликава жица…Тоа е се што навикнавме да гледаме. Дури и пешачење по асфалт или земјен пат ми беше интересно“, раскажа Јунис.
Палестинецот кој непрекинато најдолго време поминал во израелски затвор рече дека дури сега запознава цела генерација роднини кои не можел да ги запознае поради израелските ограничувања во текот на затворот.
Истакнувајќи дека досега го посетиле илјадници луѓе, Јунус рече дека за првпат се сретнал и со семејствата на неговите браќа кои се ожениле додека бил во затвор каде право да го посетат имале само најблиските сродници.
Нагласувајќи дека палестинскиот народ со децении се бори против израелското насилство и заканите како што се прогон, јудаизација, депортација и етничко чистење, Јунус рече дека новата израелска влада е можеби најрадикалната и со најмногу карактеристики на фашизам во историјата на Израел.
„Заканите продолжуваат. Не сум единствениот на кого му се закануваат. Целиот палестински народ е загрозен“, порача Јунис.
„Повеќе од седум милиони Палестинци останаа лојални на својот идентитет и остануваат на својата земја меѓу Медитеранот и реката Јордан. Палестинците се борат да го вратат своето право на самоопределување и да основаат палестинска држава со Кудс како главен град“, рече Јунис.
Понатаму тој рече дека актуелниот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир му се заканувал со депортација и додаде дека Бен-Гвир исто така врши притисок и врз другите палестински затвореници.
„Всушност, оваа влада е најекстремната влада досега. Тие луѓе дојдоа на власт и станаа министри. Најголем симбол на тоа е именувањето на екстремистот Итамар Бен-Гвир за министер за национална одбрана. Ова министерство управува и со затворите кои станаа повеќе политички. Палестинските затвореници во иднина ги чекаат уште потешки денови“, рече Јунис и појасни дека Бен-Гвир се заканувал дека ќе им ги одземе правата на затворениците, ќе ги врати во седумдесеттите и ќе дозволи само еден час сонце дневно.
Најавувајќи дека затворените Палестинци ќе продолжат да се борат за својот чесен став и идентитет, Јунус рече дека тој е еден од тие Палестинци.
„Ќе дадам се од себе за оваа кауза. Нема концепт за пензионирање во оваа борба додека сè не успее. Нашата борба продолжува“, рече Јунис.