Ако даде Господ, ќе дојдат денови кога сите заробеници ќе бидат ослободени, рече Џерадат / Photo: AA

Атаф Џерадат (50) е една од Палестинките кои се ослободени во рамките на договорот за размена на заробеници меѓу Хамас и Израел.

Во рамките на договорот за размена на затвореници меѓу Хамас и Израел, доцна синоќа од израелските затвори се ослободени 33 палестински затвореници, од кои 30 жени и три деца.

Џерадат рече дека Палестинките во израелските затвори преживуваат тортура, ги тепаат и понижуваат.

Оваа Палестинка живее во Џенин, во окупираниот Западен Брег, а в затвор била две години.

За Анадолу изјави дека Палестинките во израелските затвори се претепувани и понижувани по 7 октомври, кога започнаа нападите на Израел врз Појасот Газа и дека израелските официјални лица се обидувале да ги деморализираат, но не успеале во тоа.

„По 7 октомври затвореничките беа во изолација. И мене ме тепаа сѐ додека не ми останаа траги по телото. Нѐ навредуваа и нѐ оставија без кревет и ќебе“, раскажа Џерадат.

Палестинката рече дека условите во израелските затвори се многу лоши и дека речиси сѐ е изнесено од собата на затвореникот.

Нејзините два сина сѐ уште се во израелските затвори.

„Како да сонувам. По две години тешко заточеништво, денес сум слободна“, изјави Џерадат.

Таа порача дека знае колкава е цената на слободата што Палестинците во Појасот Газа ги чини животи и уништени домови.

„Ја држам главата високо крената за нив и доколку даде Господ, ќе дојдат денови кога сите заробеници ќе бидат ослободени“, рече Џерадат.

Четиридневната хуманитарна пауза меѓу Хамас и Израел стапи на сила во петокот, на 24 ноември, во 07:00 часот по локално време.

Според договорот, ќе бидат ослободени 150 Палестинци од израелските затвори во замена за ослободување на 50 израелски заробеници што ги држи Хамас.

Министерството за надворешни работи на Катар на 27 ноември објави дека хуманитарната пауза е продолжена уште два дена.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни