Турската агенција за одговор при катастрофи е носител на спасувачките операции во Туркије  / Photo: Reuters

АФАД, турската организација за одговор при катастрофи е носител на спасувачките операции во Туркије, по серијата катастрофални земјотреси во која загинаа над 14.000 жители. Оваа агенција има децениско искуство во преземање предизвикувачки спасувачки мисии и со години се подготвува да се справи со природни катастрофи од големи размери.

Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) веднаш испрати голем број спасувачи и доброволци собрани од различни градови во провинцијата Кахраманмараш, која беше погодена од земјотресот со јачина од 7,7 степени.

Големиот земјотрес беше проследен со серија други силни земјотреси меѓу кои уште еден разорен со јачина од 7,6 степени.

Во видеата споделени на социјалните мрежи, очајните луѓе заробени под урнатините испраќаат апели за спасување, а први за одговор се спасувачите од АФАД.

Во продолжение следат пет факти за оваа организација.

Основана во 2009

АФАД беше основана во 2009 година откако неколку владини оддели како што се Цивилната одбрана и Генералниот директорат за работи при катастрофи беа споени заедно за да се подобри одговорот на природни катастрофи.

Организацијата е создадена откако Туркије беше погодена од разорни земјотреси во 1999 година.

На 12 ноември 1999 година Дузче беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, кој траеше 30 секунди, при што загинаа 710 луѓе, а 2.679 беа повредени.

Земјотресот во Дузче се случи по земјотресот на 17 август 1999 година, кој го погоди северозападниот турски град Измит и уби 18.373 луѓе, а повреди 23.781 со јачина од 7,6 степени, според официјалните податоци на АФАД.

Туркије се наоѓа во географски регион, кој ги прекрива раседните линии склони кон тектонски поместувања и потреси, кои може да ја оштетат инфраструктурата.

Илјадници волонтери

Повеќе од две третини од 5.900 вработени и волонтери на АФАД се сместени во провинции низ целата територија на Туркије за да се обезбеди навремен одговор.

АФАД, исто така, започна волонтерска програма за запишување цивили за помош во време на која било голема катастрофа и прими илјадници апликации.

Вежби за реакција при земјотрес

Во ноември минатата година, АФАД организираше вежба на национално ниво за да ги подготви луѓето за земјотрес. Жителите добија звучни известувања и СМС известувања и на турски и на англиски јазик за да излезат од зградите.

Низ поголемите градови, АФАД постави столбови со знаци покрај патиштата, означувајќи одредени области како точки за состаноци за време на евакуацијата.

Големо искуство

Експертизата и напорите на АФАД беа во центарот на вниманието на меѓународната јавност за време на спасувачките операции што ги спроведе по силниот земјотрес во Измир во кој загинаа 117 лица.

Тогаш спасувачките екипи ископале дупки во зграда за да стигнат до 3-годишно девојче кое било задржано во живот со инфузија. Таа беше извлечена по 91 час немилосрдна работа. Медиумите го нарекоа „чудо“.

Навикнати на работа при тешки услови

Земјотресите од понеделникот, кој имаа разорни последици во соседна Сирија и предизвика паника во Либан, се случија во време кога регионот е зафатен од интензивен студен бран.

Тоа е трка со времето за спасувачите, бидејќи на луѓето заробени под урнатините им е потребна итна помош. За среќа, АФАД има стекнато искуство во текот на годините да работи во тешки услови во соработка со други агенции за помош.

TRT Balkan / агенции
Популарни