Повеќе држави против офанзива во Рафах / Photo: AA

Тринаесет земји испратија заедничко писмо до Израел, во кое се спротивставуваат на голема копнена офанзива во најјужниот град во Газа Рафах.

Медиумите јавуваат за заедничкото писмо, потпишано од министрите за надворешни работи на 13 земји, вклучително и големи економии и демократии, кое во средата било испратено до израелската влада. Во писмото се бара непречен хуманитарен пристап до опколената палестинска територија.

Писмото е потпишано од земјите на Г7, Канада, Германија, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија, како и Австралија, Данска, Финска, Холандија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Шведска, објавија германските медиуми.

Во писмото од четири страници, министрите ја потврдија својата поддршка за правото на Израел на самоодбрана против палестинската група Хамас, но исто така предупредија од голема воена офанзива врз Рафах, нагласувајќи дека тоа ќе има катастрофални последици врз цивилите.

Тие исто така подвлекоа дека израелската влада мора да направи се што е во нејзина моќ за да ја ублажи катастрофалната и влошена хуманитарна криза во Појасот Газа. Министрите побараа Израел да ги отвори сите гранични премини, вклучувајќи го и преминот Рафах, за да обезбеди испорака на итно потребна хуманитарна помош за палестинските цивили.

Во писмото, исто така, се бара од израелските власти да дозволат пристап на меѓународните хуманитарни организации, како и на агенцијата на ОН за палестинските бегалци во Газа, да ја осигураат безбедноста на хуманитарните работници и меѓународниот персонал и да дадат доволно дозволи за локалните возачи на камиони.

TRT Balkan / агенции
Популарни