Хусеин Ал Шеик, генерален секретар на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), изјави дека израелската војна во Газа има за цел да ги истреби и расели Палестинците од нивната земја.
Во објавата на социјалната мрежа Х по средбата во Рамала со турскиот генерален конзул во Палестина Исмаил Чобаноглу, Ал Шеик ја нагласи потребата да се запре злосторничката војна во Појасот Газа, која има за цел да го истреби и расели палестинскиот народ, како и потребата од заштити Западниот Брег од израелските напади.
Тој изрази благодарност до Република Туркије, до нејзиното раководство и до народот, за поддршката што им ја дава на палестинскиот народ и раководство.
Ал Шеик потсети и на неодамнешниот говор на палестинскиот претседател Махмуд Абас во турскиот парламент, во кој тој ја објави својата одлука да оди во Појасот Газа заедно со целото палестинско раководство.
Генералниот секретар на ПЛО најави формирање на комитет за подготовка на посетата на Абас на Газа, истакнувајќи дека е воспоставена комуникација со меѓународната заедница за поддршка на овој чекор.
Генералниот конзул Чобаноглу рече дека иницијативата за посета на Газа и Кудс (Ерусалим) се важен и храбар чекор.
Како што се наведува во соопштението, турскиот генерален конзул ја истакнал потребата од обединување на палестинските фракции заради националниот интерес.
Абас ги повика лидерите на арапските, исламските и пријателските земји, како и генералниот секретар на ОН, да му се придружат во неговата планирана посета за да ја запрат агресијата на Израел врз Газа.