Израел вчера го ослободи најстариот палестински затвореник во израелските затвори откако минал 17 години зад решетки.
Фуад ал-Шубаки (83) пуштен е од затворот Ашкелон во централен Израел и со возило на итната помош е префрлен на контролниот пункт Таркумија, западно од градот Хеброн, каде што го пречека семејството.
Ал-Шубаки од слобода повика на ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори.
Според палестинските податоци, Израел во затворите држи 4.780 Палестинци, меѓу кои има 160 деца и 29 жени.
Невладината организација Палестинско друштво на затвореници вели дека Ал-Шубаки страда од хронични заболувања.
Роден во 1940 година во Газа, Ал-Шубаки бил висок член на Фатах и го придружувал покојниот палестински претседател Јасер Арафат при многу негови посети во странство.
Во јануари 2002 година Израел ја заплени пратката на оружје за Палестинците на брод, познат како „Карине А“ во Црвеното Море.
Израел го обвини Ал-Шубаки за испорака на оружје и го приведе во март 2006 година.