Аргентина има намера да се повлече од Светската здравствена организација, објави аргентинското претседателство, откако Соединетите држави под водство на новиот претседател Доналд Трамп неодамна одлучија да се повлечат од оваа агенција под покровителство на Обединетите нации.
„Претседателот Хавиер Милеи му нареди на министерот за надворешни работи Херардо Вертејн да ја повлече Аргентина од СЗО“, изјави Мануел Адорни, портпарол на претседателството во Буенос Аирес.
Милеи, кој се наведува како сојузник на Трамп, одлучи да се повлече врз основа на „длабоки разлики“ меѓу Аргентина и СЗО во однос на управувањето со здравјето, особено за време на пандемијата СОВИД-19.
„Аргентинците нема да дозволат меѓународна организација да се меша во нашиот суверенитет, а особено не во нашето здравје“, нагласи Адорни.
Тој додаде дека излезот ќе и овозможи на јужноамериканската земја поголема флексибилност во спроведувањето на здравствените политики кои се прилагодени на локалните услови и обезбедуваат поголема достапност на ресурсите.
Потегот на Аргентина следи по истиот потег на САД. По неговата инаугурација на 20 јануари, Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од СЗО. Меѓу другото, ја обвинува организацијата дека не ги усвоила итно потребните реформи, дека лошо се справува со пандемијата COVID-19 и дека бара „неправедно оптоварени плаќања“ од САД.
Трамп го започна долгиот процес на повлекување од СЗО за време на неговиот прв мандат во 2020 година, но неговиот претходник Џо Бајден го прекина по преземањето на функцијата во 2021 година.